ИСТОРИЈАТ ЗА ПОСТОЕЊЕТО И РАЗВОЈОТ НА ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ


Нашето училиште, „Кирил Пејчиновиќ“, се наоѓа во населбата Кисела Вода на улица Пушкинова бр. 17. Училиштето е направено од тврда градба, училишна зграда која се состои од два ката и приземје.

Нашето училиште го носи името на Кирил Пејчиновиќ кој бил воспитаник на црквата, калуѓер кој заедно со Јоаким Крчовски прави еден вид премин од нашата средовековна книжевност кон новиот начин на пишување.

Првото училиште кое е изградено во Скопје и го носи неговото име, датира од далечната 1944 година непосредно по ослободувањето на Скопје. Всушност дојдовме до податок дека тоа работело уште во 1937 година, но на српски наставен јазик. Условите за работа во старата воена зграда биле мошне тешки и се работело дури во три – четири смени со околу 800 ученици распоредени во 18-20 паралелки. Заради зголемениот број на ученици и паралелки во училиштето биле принудени да изградат уште еден кат, а потоа и да преселат дел од учениците и наставниот кадар во друга училишна зграда, денешното училиште „Партеније Зографски“, а поранешно „Ѓуро Салај“. По тешките оштетувања на училишниот објект во 1963 година кога и се случува катастрофалниот земјотрес , преселувајки се во неколку тогашни училишта, во 1972 година се гради нова современа училишна зграда во Кисела Вода. Новата училишна зграда располагала со 16 светли и хигиенски училници, 7 предметни кабинети, фискултурна сала, простории за дневен престој, просторија за приредби со бина, библиотека со читална, кујна со трпезарија.

Првата учебна 1972/73 година училиштето почнува да работи со 902 ученици од прво до осмо одделение, распоредени во 27 паралелки, две групи дневен престој со 67 ученици и 40 деца во забавиште.За прв директор во новата училишна зграда се именува господинот Крсто Јовановски кој раководи со училиштето сé до 1986 година. Во 1987 година за директор беше именуван господинот Атанас Димитров, а во 1990 година дојде господинот Драгослав Булатов. По завршувањето на негови мандат, за директор е именувана госпоѓата Цветанка Бошњак.

По заминувањето од функцијата на директор на Цветанка Бошњак, на нејзиното место доаѓа госпоѓата Лепа Шекерова, а по неа и госпоѓата Даница Нонкоска. Следен директор е госпоѓата Ленче Манева, по чие заминување од раководната функција како директор беше именуван господинот Тони Илиев. Четири години со училиштето раководеше м-р Сашо Јованоски, а од 24 октомври 2018 директор на училиштето е м-р Борче Миревски.

Во моментот, бројната состојба на учениците изнесува 940 ученици распоредени во 37 паралелки, а училиштето работи во смена и половина заради големиот број на ученици.

Училишната зграда има современи услови за работа,постојано се реновира и одржува и се набавуват најсовремени нагледни средства и помагала. Сиот вработен кадар е со висока стручна спрема, па и повеќе од тоа. Како училиште кое постигнува високи резултати и на меѓународно ниво добивме за подарок како награда од Министерство за образование и наука две СМАРТ табли кои овозможуваат навистина одлични услови за реализирање на современа настава а истите ги користат сите ученици од прво до деветто одделение. Училиштто располага со голема библиотека и читална, а фондот на книгите во библиотеката постојано се збогатува со стручна литература, енциклопедии и белетристика како и лектирни изданија кои ги користат учениците.

Дневниот престој има 240 ученици од прво до трето одделение и истите се распоредени во 8 групи. Што се однесува до стручната служба, таа е во комплетен состав однсно имаме: психолог, педагог, дефектолог и библиотекар.

Секретарот во училиштето кои ги реализира економско правните работи како и администрацијата е дипломиран економист.

Директорот, м-р Сашо Јованоски за неполни три години успева да го освежи и реновира целото училиште. Среден е училишниот двор и зелените површини,нови клупи, корпи за смет, засадени се нови садници зимзелени дрва, варосани се сите училници, направено е детално чистење со хемиски средства во холовите и подовите во сите училници, ставени се нови подови со ламинат во неколку училници, набавени се магнетни табли. Во март месец ќе се реновира комплетно и фискултурната сала, ќе се стави сосема нов под соодветен за реализација на наставата по физичко обрзаование. Реновирани се плакарите во наставничката канцеларија. Канцеларијата на директорот е комплетно реновирана со нови вариолајт завеси, нови плакари, нова конференциска маса, ново биро, нов компјутер, а поставени се 5 камери кои се распоредени во предниот дел од училишниот двор, задниот дел на училишниот двор, спрема фискултурната сала, во фоајето, влезниот хол во училишниот ходник и една камера кон управата. Од почетокот на 2020 година училиштето е збогатено со уште 3 нови СМАРТ табли, 5 телевизори и наставно технички помагала за предметите од природните науки.

Училиштето има обезбедување за училишниот објект како и за учениците и вработените. Поставени се панични светла во случај на несакана вонредна состојба која може да се случи, а во интерес на безбедноста на учениците и вработените. Заради термичка изолација во периодот на постудените месеци се репарираа сите радијатори.

Подобрените услови за работа и квалитетниот кадар овозможува да се постигнуваат високи резултати на кои сме горди сите.



За нашиот патрон

КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ

(1771-1845)



Кирил Пејчиновиќ е воспитаник на црквата, калуѓер и еден од основоположниците на новата македонска книжевност.

Кирил Пејчиновиќ целиот свој живот го минал како монах во повеќе манастири. Она што го издвојува од останатите монаси од тоа време е неговата книжевно-просветителска дејност. Заедно со Јоаким Крчовски се вбројуваат во редот на првите македонски просветители и писатели кои пишувале на народен јазик, а не на црковнословенски јазик кој бил дотогашна пракса.

Роден е во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека.

Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година. Во 1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Со помош на локалното население, Кирил успеал во целост да го обнови манастирот и да го претвори во центар на верскиот, просветниот и културниот живот на тој дел во Македонија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. Тука ја збогатил и уредил библиотеката. Во слободните часови пишувал.

Освен „Огледало”, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним”, „Житие кнеза Лазара”, како и „Епитафот” кој е врежан на неговата надгробна плоча. Во неговите дела, покрај нагласената тенденција за чистење на верата од разни заблуди и суеверија, се застапени елементи кои претставуваат зачеток на новата македонска книжевност.

Починал во 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св.Атанасиј).