Назад

Посета на Управата за хидрометеоролошки работи 4/6/18

На 05.04.2018 година, од страна на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ се изведе посета на „Управата за хидрометеоролошки работи“. Целта на оваа посета беше подетално, теренско и практично запознавање на учениците од шесто одделение со атмосферата и нејзините метеоролошки елементи и појави, како и начинот на нивното следење и мерење.

 

Во текот на посетата учениците се запознаа со голем број на мерни инструменти, како што се: термометар (инструмент за мерење на температурата на воздухот), хигромер (инструмент за мерење на влажноста на воздухот), ветроказ и анемометар (инструменти за одредување на правецот и брзината на ветерот), дождомер (инструмент за мерење на дождот во mm на m2), испарител или евапориметар (инструмент кој го мери испарувањето на водата), хелиограф (инструмент кој го мери осончувањето) и геотермометар (инструмент кој ја мери температурата на внатрешноста на почвата). Презентацијата на инструментентите, нивната структура и начинот на мерење предизвикаа голем интерес, љубопитност, како и бројни прашања кај учениците,  а со тоа, тие додатно се запознаа за начинот на следење на атмосферските елементи и појави. Посетата беше организирана во рамки на програмата по предметот географија, а ја реализираа наставниците: Лилјана Николиќ – професор по географија, Дарко Стојчески – професор по географија, Жаклина Стојановска – педагог и Едвин Љила – професор по англиски јазик.